Дали наши, македонски, авторски или странски, секојдневно сме бомбардирани со стотици рекламни пораки. Некои се забораваат веднаш по гледањето, а некои, како овие што следат, оди, па заборави ги.
1. Реклами со пеење
Овие се најзаразните реклами од сите. Составени од неколку зборови што се повторуваат или од весела песничка што цел ден си ја потпевнувате. Во вториот случај се придружени и со цела танчарска кореографија, па така, при рекламирање на маргаринот „Рама“ целото семејство е разочарано сè додека на гости не дојде бабата со салто и се разбира, „Рама“. Атмосферата е драстично променета! Наследник на оваа реклама е рекламата за „Моја кравичка - Млекарена“. Ве потсетува на хитот „Макарена“?! Секако, не е случајно:
Никако оваа категорија не смее да пројде без: На Широк сокак во Битола најдобриот хотел ве дочекува: Епинал, Епинал, Епинал... (x7).
2. Козметички производи
Не дека ги нема повеќе, ама во оваа категорија ќе сместам само една реклама. Од почит. Се сеќавате ли каде треба да се обратите ако имате проблеми со мозолки и акни?! „Лептен“! Од разочарани девојки, повлечени, небаре асоцијални случаи, „Лептен“ ги претвораше во вистински „бомби“. Клучната фраза во една од многуте реклами беше „Еј, кукло“.
3. Санитарни производи
За нив има голема конкуренција на пазарот, автоматски постојат и многу реклами, ама ќе издвојам само неколку:
„Бонукс“ - со тетка Марија, нејзиниот пансион, рекламата во судницата (...) и ќесето прашок од три килограми што го носи секогаш со себе. Секогаш навреме, да те потсети како да заштедиш во животот.
„Глејд микроспреј“ - актуелна е, така што не морам многу да објаснувам. Цитатот е: „Сакам да как*м во тоалетот на Коле“. И точка!
„Снаа“ - ултратенки влошки. Освен рекламата, која е сон на секоја немажена девојка во државава, интригантно е и името. Од мене само три прашања:
- Прво, која е целната група на корисници на овој производ: исклучиво мора да биде снаа?!
- Второ, дали паѓа смеење меѓу сосетките во маалското гранапче кога ќе влезе горда свекрва со реченицата: „Дај едно пакетче за снаата“?!
- Трето, што ќе се случи ако излезе нов производ на пазарот, тампони - ќе ги крстат можеби, јатрва?!
4. Сокови, води
Од рекламите за вода, неприкосновена е „вистина ли е кралица“ - водата „Кожувчанка“.
А од соковите, една малку подзаборавена, ама затоа сум јас тука да ве потсетам. Оваа реклама подеднакво би можела да припаѓа и во првата категорија и оди вака: Бонго, бонго, бонго, бонго, бонго, бонго, бонго... и сè така, до недоглед...
5. Ретро
Оваа реклама не припаѓа во ниедна од наведените категории, а воедно е и прилично стара. Синхронизирана на македонски од Шенка и Ѓорѓи Колозови, за прозорците „Ен-фа-пен“ - мотото им беше „Ен-фа-пен не пропушта!“
А вие, ако мислите дека пропуштив некоја значајна реклама или имате некој ваш предлог, ве чекам во коментари подолу.